Тоа што не му успеа на Субрата Рој во Македонија, таа сака да го направи, но во Индија, каде што има намера да инвестира во државата Западен Бенгал, тврди македонскиот почесен конзул Намит Баџорија.
Според него, земјата што ја претставува работи напорно не само на развивање на културните врски со државата во источниот дел на Индија, меѓу Хималаи и Бенгалски залив, туку и на идентификување и креирање можности за бизнис меѓу двете нации.
„Успеав да го убедам мојот амбасадор за време на неговата прва посета и очекувам партнерството да се развие следната година“, изјави Баџорија за весникот „Тајмс оф Индија“.
Македонскиот амбасадор Тони Атанасовски го посети „Бенгалски глобален бизнис самит 2018“ минатиот месец и, според Баџорија, бил импресиониран од можностите во државата.
„Самитот од 15 до 17 јануари се покажа како одлична платформа за зајакнување на односите меѓу многу странски земји, вклучувајќи ги и Македонија и Западен Бенгал. Македонија како држава има посебна културна релација со Западен Бенгал, знаејќи дека светицата Мајка Тереза е родена во главниот град на Македонија, Скопје, а поголемиот дел од нејзиниот живот го помина во ‘градот на радоста’ Калкута“, рече амбасадорот.
Според него, амбасадата на Македонија во Њу Делхи, заедно со канцеларијата на македонскиот конзул во Калкута, многу успешно ги промовираа економските, културните и трговските односи.
„Постои потенцијал овие односи да растат и да се промовираат уште повеќе со организирање деловни делегации од Калкута и од Македонија. Повеќе пати ја посетив Калкута во последниве 10 години и работев заедно со Баџорија за организирање на деловни и културни настани во градот“, додаде Атанасовски.
Покрај во Калкута, Македонија има конзулати и во Ченаи, во Бангалоре и во Мумбаи.





