Прва радост годинава за фудбалската репрезентација на Македонија, која со победата од 2:0 над Ерменија во Скопје ја прекина серијата од седум натпревари без триумф и се искачи на врвот во четвртата група од дивизијата Ц во Лигата на нациите.



Трите бода имаат дополнителна тежина бидејќи се освоени со играч помалку поради вториот жолт картон на Ѓоко Зајков на истекот од првото полувреме, а за големото славење се погрижија капитенот Енис Барди во 70. минута со евроголот од слободен удар и Бојан Миовски девет минути подоцна.

Барди со велемајсторскиот потег во стилот на Лука Модриќ против Полска прво ја симна „планината“ од грбот на „црвено-жолтите“, постигнувајќи го својот 18. погодок за државниот тим, а Миовски го дотолчи противникот со умешно протнатата топка меѓу шума од нозе зад грбот на голманот Чанчаревиќ за четврти гол за националниот тим.

Летонија, на која избраниците на селекторот Благоја Милевски ќе ѝ гостуваат во следниот настап во октомври, ја докомпликува ситуацијата во групата со победата од 1:0 над Фарски Острови, па сега Македонија е прва со 4 бода, пред Ерменците и Летонците со по 3 и Фараните со еден.