Фудбалската репрезентација на Македонија извлече максимум во ноемврискиот „прозорец“ и со 1:0 и против Фарски Острови како во четвртокот со Летонија заврши прва во групата 4 од дивизијата Ц во Лигата на нациите и со 16 бода конкурира за едно од четирите места што водат во баражот за Светското првенство преку ова натпреварување.
Како и на пријателскиот натпревар минатиот март во Скопје против Фараните единствениот гол го постигна Бојан Миовски, шести во националниот дрес за напаѓачот на шпанска Жирона, за кој самиот по мечот изјави дека ќе му ја крене самодовербата пред продолжението на сезоната на клупско ниво.
За „црвено-жолтите“ ова е рекордна петта победа во низа, и тоа без примен гол, со која го зачинија историскиот пласман во дивизијата Б од Лигата на нациите.
Избраниците на селекторот Благоја Милевски во декември ги очекува ждрепката за мундијалот по две години во САД, Мексико и Канада, а во март в година и почетокот на квалификациите за тоа СП.






