„Македонија повторно горда!“ е мотото на народниот митинг кој почна вечерва пред Владата на Македонија во организација на ВМРО ДПМНЕ.
Првиот ден од претседателската кампања ВМРО-ДПМНЕ ја почнува со кампањата на кандидатката за претседател на Македонија Гордана Силјановска Давкова.
Претседателот мора да си ги знае надлежностите. За жал, сегашниот претседател воопшто не си ги знаеше надлежностите во делот на извршувањето на должноста Врховен командант на армијата, рече Драган Ковачки, носител на листата на пратеници во третата Изборна единица во отвореното студио пред почетокот на денешниот митинг, односно голем народен собир пред македонската Влада со кој ВМРО-ДПМНЕ и официјално ја започнува кампањата за избор на претседател.
„Човекот Стево Пендаровски, кој што е залутан во вилата на Водно, буквално ги одмолче сите скандали кои што постоеја во армијата и во Министерството за одбрана. Молчеше за набавката на хеликоптери, молчеше за коруптивните скандали и зделки за кои што говоревме во изминатиот период, молчеше за огромните скандали кои што се поврзани со професионалните стандарди. А, професионалните стандарди се потребни за да една армија функционира на начин на кој што е тоа предвидено, значи хиерархиски поставена, мотивирана и со развиен дух“, истакна Ковачки.
Тој додаде дека во изминатиот период имавме ситуации каде имаше вработувања во армискиот состав директно преку општинската организација на Социјалдемократскиот сојуз во Арачиново и на тоа Стево Пендаровски одмолча, немаше никаков став, едноставно како да не го интересираше тоа што примањето на војниците во армијата не се правеше по стандарди и критериуми, туку по партиска основа.





