Македонија падна за шест места на Индексот за слобода на медиумите на „Репортери без граници“

Македонија бележи пад за шест позиции на Индексот за слобода на медиумите за 2025 година на меѓународната организација „Репортери без граници“ со седиште во Париз.



Така, за разлика од лани, кога се најде на 36. место, годинава земјава е рангирана на 42. позиција, со пад во три од пет индикатори.

Состојбата со медиумите во Македонија е оценета како „задоволителна“ и таа се наоѓа во горниот дел од листата, која брои вкупно 180 земји, но на последното место од државите кои во однос на медиумската ситуација ја имаат оваа оценка.

Од регионот во оваа група се само уште две две земји, Словенија, која бележи напредок за 9 места и се наоѓа на 33. место, додека Црна Гора е 37., со напредок од три позиции во однос на лани.

Другите земји од Балканот се наоѓаат подолу на листата, вклучително Грција, Бугарија и Хрватска, кои се членки на Европската Унија, и кај кои состојбата со медиумите е генерално оценета како „проблематична“.

Според Индексот, Хрватска е на 80 позиција, Бугарија 70. , Албанија е на 80. место, Босна и Херцеговина на 86., Грција на 89., Србија на 96. и Косово на 99. позиција.

Во општата оценка за Македонија, во Индексот за слобода на медиумите на „Репортери без граници“, се вели дека иако новинарите во земјава не работат во непријателска средина, широко распространетите дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за намалување на довербата на општеството во медиумите.

Ваквата состојба, се наведува, ги изложува независните медиуми на закани и напади.

Дополнително, од организацијата оценуваат и дека владините претставници покажуваат тенденција да имаат лош и понижувачки став кон новинарите.

Во споредба со минатогодишниот извештај, земјава сега има пад во три од пет индикатори. Најголемиот, од 9,07 поени е во политичкиот показател, за 4,19 поени падот во социјалниот показател, а во економскиот од 3,66 поени.

Пораст, земјава има во однос на правната рамка и овде сме подобри за 0,25 поени и во индикаторот безбедност за 0,01 поен.