Македонските власти ги одбиле понудите на руските сили за вонредни состојби стационирани во Србија да помогнат при гасењето на десетиците пожари во земјава.
Доброинформирани извори тврдат дека Македонија не сакала ни да разговара за учество на руските авиони и хеликоптери за гаснење пожар кои што се стационирани на аеродромот во Ниш или кои што на барање на руската база во овој град можат да дојдат од Русија за да помогнат.
Според изворите причината за одбивањето на руска помош е обидот руската помош да не биде разбрана од НАТО како приближување со Москва.
Предходно македонски воени припадници и експерти за спасување и вонредни состојби имале соработка со руските сили во Ниш кои што преку сателитските системи за набљудување можат од огромни висини да забележат и најмал пожар на земјата.
За време на ланските поплави во скопско, Руската Федерација беше еден од најголемите донатори на хуманитарната помош во која имаше, мобилни дизелни и бензиски генератори, специјални пумпи и пумпна опрема, ќебиња, конзерви од риба и месо.
Руско – српскиот центар за хуманитарни операции во Ниш располага со неколку летала за гаснење пожари а на барање Москва може да испрати и големи авиони кои што имаат огромен капацитет за транспорт на вода во, со пожар, загрозени локации.
Во последните пожари во Македонија активно учествуваа по еден бугарски и еден израелски авион за гаснење пожари.





