Македонија е последна во регионот на поранешна Југославија според глобалниот индекс на среќата, кој ги зема предвид факторите грижа, слобода, великодушност, чесност, здравје, приход и добро владеење.
По овие параметри Македонија се наоѓа на 92. место меѓу 155 земји во светот опфатени со рангирањето. Најсреќна земја во регионот е Словенија на 62. место, Србија е 73., Хрватска 77., Косово 78., Црна Гора 83. и Босна и Херцеговина 90.
Македонија е на дното во поранешна Југославија и според слободата на медиумите. „Фридом хаус“ ја стави на 139. место од 199 земји и пред неа се Словенија (33.), Хрватска (76.), Црна Гора (86.), Косово (96.), Србија (98.) и Босна и Херцеговина (103.). „Репортери без граници“, пак, ја рангираа Македонија на 111. место меѓу 180 држави, Црна Гора е 106., Косово 82., Хрватска 74., Србија 66., БиХ 65. и Словенија 37.
Македонија лошо стои и во однос на индексот на перцепција на корупцијата, според кој „Транспаренси интернешнел“ ја рангира на претпоследното место во регионот, вкупно на 90. меѓу 176 земји. Зад неа е Косово на 95. место, а подобри се Словенија на 31., Хрватска на 55., Црна Гора на 64., Србија на 72. и БиХ на 83.
Според два економски критериума, пак, Македонија е лидер во регионот. Според условите за бизнис, Светска банка ја стави на 11. место меѓу 190 држави, Словенија е 37., Косово 40., Србија 43., Хрватска 51. и БиХ 86. Врз основа на индексот на економските слободи изработен од Фондација „Херитиџ“, Македонија е 31. меѓу 180 земји, Косово 56., Црна Гора 83., БиХ 92., Хрватска 95., Словенија 97. и Србија 99.
Кога станува збор за слабоста на државата Македонија во истражувањето на Фонд за мир се најде на 112. место меѓу 178 земји. Полоши од неа се БиХ на 93. место и Србија на 107., а подобри Црна Гора на 130., Хрватска на 138. и Словенија на 162.
Конечно, според вредноста на пасошот, Македонија е во средина на ексјугословенските простори. Македонската патна исправа е 39. во светски рамки и со неа може да се патува без виза во 108 земји. Подобри се Словенија на 10. место (во 150 земји без виза), Хрватска 14. (145) и Србија 35. (114), а послаби пасоши од македонскиот се црногорскиот на 42. место (во 105 земји без виза), босанскиот е 45. (101) и косовскиот 84. (41).





