Турција во последните седум години донирала 21 милијарда долари во 170 држави во светот, а Македонија е меѓу десетте во кои оваа земја лани била најдарежлива со официјална помош, соопшти Турска агенција за соработка и координација (ТИКА).
Покрај Македонија, во 2016 година најмногу донации од Турција добиле и Сирија, Сомалија, Палестина, Авганистан, Босна и Херцеговина, Киргистан, Казахстан, Азербејџан и Нигер.
Македонија и другите земји од Балканот добиле дел од 4,3 проценти од наведената 21 милијарда долари во периодот од 2010 до 2016 година. Лавовски дел од вкупната сума или 62 отсто заминал за Сирија, а 9,54 отсто од донираните средства во тие седум години поделиле африканските земји.
Официјалните проекти за помош на Сирија од Турција биле поддржани со 13,666 милијарди долари, од кои само минатата година биле реализирани 5,851 милијарди.
Од 2010 до 2016 година Турција го помогнала Египет со 454 милиони долари, Тунис со 212 милиони и Ирак со 167 милиони.
Лани Турција уплатила 203 милиони долари на регионални развојни агенции, 35 милиони на Обединети нации, како и 12 милиони на Светска банка и на други институции и организации.
ТИКА е основана во 1992 година за да реализира проекти на пет континенти, посебно во земји со кои Турција споделува култура и географија.





