Повеќе од една третина од земјите-членки на Обединети нации никогаш не биле застапени во Совет за безбедност, меѓу кои и Македонија, за која нема место во ова тело ни со денешната најнова ротација на шест држави поради начинот на бирање.
Покрај Македонија, од ексјугословенските републики дел од Советот не биле ни Словенија, ни Србија, ни Црна Гора, а таква чест имаа само Хрватска од 2008 до 2009 година и Босна и Херцеговина од 2010 до 2011 година. СФР Југославија четири пати била дел од органот на ОН во кој пет постојани членки имаат право на вето.
Брег на Слонова Коска, Екваторијална Гвинеја, Кувајт, Полска и Перу од денеска до крајот на 2019 година ќе бидат непостојани членки избрани по регионален принцип, а Холандија ќе биде дел до крајот на годинава, бидејќи минатата година се договори со Италија да го поделат двегодишниот мандат што им припаѓа на западните земји.
Покрај Италија, од СБ денеска се заменети и Египет, Сенегал, Јапонија, Уругвај и Украина.
Совет за безбедност на ОН има 15 членки, од кои постојани се САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција, а десет се бираат на период од две години, но така што секоја година се заменуваат пет од нив.





