Македонија има нефункционална администрација, еве како да се реши проблемот

Има една чудна ситуација која се случува, иако со распишувањето на изборите е стопирана. Во декември во 2023 година Владата носи одлука за трансформација на договорите на определено време во неопределено вработување, а МИОА по брза постапка од 3 до 7 дена треба да даде согласност. И тука почнува една трка во институциите побрзо да вработат луѓе. Некои постапки и се завршени, но некои се стопирани поради изборите, но им се ветува на тие луѓе дека ќе бидат примени по изборите што е класичен предизборен поткуп,предупредува дополнителниот заменик министер за информатичко општество.



Таа информација на Владата за трансформација на вработувања е незаконска. Владата требала да поднесе таков закон за овие 2.700 работни места во Собрание и така да се изгласа. Сега тие луѓе се во неизвесност и создава немир кај луѓето – изјави Стефан Андоновски, дополнителен заменик министер на Министерството заинформатичко општество и администрација во Студио 10 на ТВ 24.

Андоновски сепак дополни дека ова е хроничен проблем и било пракса и порано, поради што е воведен член 8 а од Изборниот законик кој го спречува тоа.

– За здравствените работници ќе беше добро да се донесе закон за трансформација на работните места, но станува збор за малку вработувања во здравството. На пример, 300 вработувања се во Македонски шуми. Од друга страна, ова е направено со оглас на кој можел да се јави кој било, па имаме ситуации кога се примени лица кои воопшто не ни работеле на договор во некоја институција и му го зеле местото на оној кој работел на договор на дело – дополни Андоновски.

Тој нагласи и дека со донесување на забрана за ангажман на договор за дело се оневозможуваат менаџерите да функционираат. Од друга страна, трајните вработувања значат дека нема можност некој кој не работи да му биде прекинат работниот однос, а оној кој работи добро нема можност да се награди. Затоа, потребна е вистинска реформа на јавната администрација која ќе значи флексибилен и функционален систем и задоволни вработени.