За да ја поткрепи позицијата на својата земја против членство на Украина во Европската унија пред Западен Балкан, унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто по средбата со својот македонски колега Тимчо Муцунски како пример за двојните стандарди на Унијата го посочи примерот со блокадата на Македонија.



„Северна Македонија е кандидат за членство во Европската унија веќе дваесетта година, но некои земји постојано го блокираат нејзиниот напредок во пристапните преговори. Интересно е тоа што никој никогаш не ги етикетира овие земји дека го поткопуваат европското единство или им служат на руските интереси, додека ние Унгарците сме под постојан напад кога се залагаме за правата на Унгарците од Задкарпатието и јасно ставаме до знаење дека сè додека тамошните Унгарци не си ги вратат правата што им следуваат и претходно ги поседуваа, не гледаме можност да учествуваме во преговорите за пристап во ЕУ“, рече Сијарто на заедничката прес-конференција со Муцунски.

Тој откри и дека ЕУ врши огромен притисок за Украина да биде примена пред земјите од Западен Балкан, наведувајќи две причини зошто ова не би била вистинската одлука.

„Една од причините е што, за разлика од пристапувањето на земјите од Западен Балкан што би било корисно за Европската унија, пристапот на Украина би го уништил функционирањето на ЕУ од економска и од безбедносна гледна точка. Другата причина е што не може да стане збор за туркање на Украина во Европската унија пред земјите од Западен Балкан, бидејќи никој не може сериозно да помисли дека Украина денес е во подобра состојба од која било од земјите од Западен Балкан. Тоа, едноставно, е глупост. Иако земјите од Западен Балкан се во подобра состојба, не разбираме зошто треба да чекаат. Така, унгарскиот народ ќе го каже своето мислење за ова прашање со гласање“, порача шефот на унгарската дипломатија.

Муцунски им се заблагодари на Сијарто и на унгарската влада за тоа што Унгарија прва понудила помош по трагедијата во Кочани.

„Не постои здравствен систем кој може сам и веднаш да се соочи со последиците од ваква голема трагедија“, оцени Сијарто, откривајќи дека во моментов во Унгарија се лекуваат шест повредени лица, кои лично ги посетил Муцунски.

Сијарто притоа го уверил македонскиот министер за надворешни работи дека, доколку е потребна дополнителна помош, Унгарија е подготвена да ја исполни оваа задача.