Тошко Јорданов, заменик-претседател на Има таков народ и претседател на парламентарната група на партијата на Слави Трифонов во бугарското Собрание, со тешка навреда за Македонија и за македонскиот народ.



„Основниот проблем е што Северна Македонија е вештачки создадена држава без сопствен народ. Можам да дадам груб пример за споредба со САД, држава од другата страна на океанот, практично мултинационална земја, која, сепак, не претендира да биде наследничка на предколумбова Америка. За разлика од Северна Македонија, која е мултинационална, бидејќи во неа живеат Бугари, Албанци, Срби и Турци, но тие тврдат и бараат национален историски идентитет во некоја нација која чисто историски не постои. Во овој географски регион никогаш немало македонска држава или македонски национален идентитет. До доаѓањето на комунизмот, Втората светска војна и вештачкото создавање во Југославија на нешто слично. Оттаму доаѓа оваа противречност и овој избезумен нагон на македонските лидери да воспостават македонска националност, изградена врз основа на конфликт со соседните земји“, елаборира Јорданов на дебатата насловена „Современите конфликти и новите закани: улогата на Западен Балкан во безбедносната и одбранбената политика на ЕУ“ во Софија.

„Поради тоа во моментов северномакедонските власти упорно одбиваат да ги исполнат условите на Европската унија во преговарачката рамка и Бугарите да ги впишат како дел од народите во државата Северна Македонија. Во тоа лежи главниот проблем. За наша жал, Европската унија и нашите партнери сè уште не сфаќаат колку е различно размислувањето во државата Северна Македонија. На него се гледа како на геополитичка точка во еден вид конфликт Америка-Европа-Русија.

А самиот чин на приклучување и почеток на преговори беше од политички причини. Тие не беа подготвени. Северна Македонија не беше подготвена да започне преговори. Самото потпишување на преговарачката рамка дојде од политички причини поради војната во Украина. Мотивацијата не беше да се прошири Европската унија. Мотивацијата беше игра шах со Русија“, додаде Јорданов.