Ракометарите на Исланд нема да им бидат противници на македонските репрезентативци во баражот за следното Светско првенство што ќе се одржи в година, откако единствени се најдоа меѓу привилегираните во ждрепката од четирите селекции што не го поминаа првиот круг на тековното Европско првенство.



Според српскиот портал „Спортска централа“, покрај Исланд и Македонија, во садот на носителите на извлекувањето на двојките в сабота во Загреб ќе бидат и Шведска, Норвешка, Белорусија, Чешка, Шпанија, Хрватска, Словенија и Србија, кои со самото тоа не можат да играат меѓусебе. Поточно, една од нив нема да биде дел од ждрепката, ако се избори за единственото место од ЕП во Хрватска што обезбедува директно учество на мундијалот, покрај бранителот на светската титула Франција и соорганизаторите Данска и Германија.

Вториот сад го сочинуваат Унгарија, Црна Гора и Австрија, кои ги зазедоа трите последни места од ова ЕП, како и победниците на квалификациските групи Португалија, Литванија, Холандија, Романија и Русија. Последниот член на овој сад ќе биде Босна и Херцеговина или Швајцарија, зависно од одлуката на Европска ракометна федерација (ЕХФ) поради пропустите на натпревар од квалификациите.

Покрај трите наведени автоматски пласирани селекции од Европа на 26. СП, кое ќе се одржи од 9 до 27 јануари 2019 година, настап веќе изборија и полуфиналистите на Азискиот шампионат што е во тек – бранителот на титулата и светски вицепрвак Катар, како и Саудиска Арабија, Јужна Кореја и Бахреин. Место ќе има уште за освојувачите на медалите на Африканскиот шампионат што е во тек и на Панамериканското првенство што ќе се одигра во јуни, како и за две земји што ќе добијат вајлд-карта од Светската ракометна федерација (ИХФ).

Планетарниот ракометен собир ќе се одржи во германските градови Берлин, Келн, Минхен и Хамбург и во данските Копенхаген и Хернинг.