Заедно со Грузија и Авганистан, Македонија е ставена во групата за земји „што треба да се посматраат во 2018 година“, бидејќи може да има значајни случувања што заслужуваат „посебен надзор“.
Решавањето на „спорот за името“ со Грција која го попречува патот на земјата кон членство во ЕУ, е една од причините за зголемено внимание….
Во најновиот извештај на американската невладина „Фридом хаус“ се вели дека во Скопје, „демократски избраната, етнички инклузивна влада“ на премиерот Зоран Заев „се обидува да ја искорени корупцијата и другите системски злоупотреби наталожени уште од претходната влада“.
Инаку, Македонија е оценета како делумно слободна. Во регионот со иста оценка се и Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Бугарија, Србија и Хрватска се оценети како слободни држави, додека како неслободна држава е оценета Турција.
Од вкупно 195 држави кои беа предмет на анализата на „Фридом Хаус“ оценето е дека, 49 не се слободни, 58 се делумно, а 88 се слободни.
„Фридом Хаус“ оценува дека демократијата е во процес на уназадување низ светот, откако САД во изминатата година „абдицираа“ од својата традиционална улога да бидат шампиони на ширењето на демократските идеали низ светот, додека Русија и Кина „ја зголемуваат репресијата дома“ и „го шират своето малигно влијание“ во странство.
„Демократијата се соочува со најсериозна криза во последниве децении“, рече претседателот на Фридом хаус, Мајкл Абрамовиц. „Основните начела на демократијата – вклучувајќи ги гаранциите за слободни и фер избори, правата на малцинствата, слободата на печатот и владеењето на правото – се под опсада низ целиот свет“.
Во извештајот се вели дека 2017 година беше 12 година по ред за пад на глобалната слобода, со 71 земја каде е констатирано намалување на политичките права и граѓанските слободи.





