Според неодамна објавениот Balkan Defense Monitor 2024, Србија е водечка земја во регионот во однос на трошоците за одбрана, кои изнесуваа 2 проценти од нејзиниот бруто општествен производ (БДП) во 2023 година, а по неа следуваат Македонија со 1,7 отсто и Албанија со 1,6 отсто.
Последните две се членки на НАТО и се предвидува дека ќе ја достигнат целта на Алијансата од 2 отсто во 2024 година, а сегашниот лидер Србија се очекува да падне на третото место во регионот со издвојувања за одбраната од 1,8 отсто од БДП во 2024 година.
Ова е трето издание на Balkans Defense Monitor, што Белградскиот центар за безбедносна политика (BCSP) го објавува од 2022 година. Ги опфаќа Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Македонија и Србија.
Хрватска, исто така членка на НАТО, во последните три години на одбрана трошеше 1,5 проценти од својот БДП, а далеку зад неа се членката на Алијансата од 2017 година, Црна Гора, со 1 отсто, и БиХ, која му се приклучи на Акцискиот план за членство во 2010 година, со 0,7 отсто.
Во 2023 година просечната потрошувачка меѓу сојузниците беше 1,82 проценти од БДП, а 11 од 31 земја-членка на НАТО трошеа повеќе од 2 отсрто. Според генералниот секретар Јенс Столтенберг, оваа бројка се очекува да се зголеми на 18 членки во 2024 година.
Ова е значително зголемување во споредба со 2014 година, кога само САД, Обединетото Кралство и Грција го преминаа прагот од 2 отсто, покажуваат податоците на НАТО.






