Европска комисија води преговори со Македонија за новиот безвизен режим што пред три дена го изгласа Европскиот парламент, потврди еврокомесарот за миграција, за внатрешни работи и за државјанство Димитрис Аврамопулос.
„Европска комисија наскоро ќе го прифати влегувањето во сила на безвизниот режим, со кој граѓаните на безвизната зона ќе треба да се регистрираат за да патуваат. Се водат преговори со неколку држави од Западен Балкан – Србија и Македонија, а неодамна ЕК доби мандат да почне преговори со Албанија, со Босна и Херцеговина и со Црна Гора за спроведување заеднички активности“, изјави Аврамопулос.
Грчкиот еврокомесар нагласи дека новиот систем на ЕУ за информирање за патувањата и за нивно одобрување, кој ќе стапи на сила од 2021 година, нема да значи враќање на визите, туку само ќе ги олесни мерките за борба со нелегалната миграција.
„Сите сме посветени на зачувувањето на мобилноста и на движењето меѓу ЕУ и Западен Балкан, како и на ограничувањето на злоупотребите. Актуелизираниот механизам за враќање на визите е инструмент со кој располагаме, но кој се уште нема потреба да го употребиме“, објасни Аврамопулос.





