Искусниот долгогодишен портпарол на Секторот за внатрешни работи Охрид Стефан Димоски е наименуван за портпарол на Светскиот ИПА конгрес.
Портпаролот на СВР Охрид и претседател на Интернационалната полициска асоцијација регион Охрид е наименуван за портпарол на 67 Светскиот конгрес на Интернационалната полициска асоцијација (ИПА), што од 17 до 22 септември ќе се одржи во Охрид.
На светскиот конгрес, ќе присуствуваат 64 ИПА држави и нивни национални ИПА секции како и други меѓународни организации членки на Обединетите нации, со присуство на 240 учесници-високо рангирани полициски службеници во матичните Министерства за внатрешни работи.
Ова е прв престижен ИПА полициски Светски конгрес што се одржува во Македонија и во Охрид, на кој ќе се разговара за повеќе теми поврзани со регионалната и глобалната безбедност и стабилност, јакнење на билатералната и мултилатералната полициска соработка помеѓу полициите-членки на ИПА, јакнење на професионализмот на полициските службеници низ бројни форми на едукација и во таа насока, ќе бидат потпишани низа конкретни договори.
По завршување на 67-миот ИПА Светски конгрес во Охрид, ќе следи манифестацијата „Недела на пријателство“ при што, за учесниците на 67 Светски ИПА конгрес, од 22 до 29 септември, предвидени се туристички разгледувања на повеќе ИПА региони, градови, значајни историски и туристички места во Македонија.
Димоски, информацијата за неговото поставување за портпарол на Светскиот конгрес, ја објави на неговиот ФБ профил.






