Партијата на Македонците во Албанија Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) упати остра реакција до албанската влада, која, како што нагласуваат, дозволува фондацијата „Бугарска меморија“ од Бугарија непречено да ја шири својата пропаганда во регионите во Албанија, каде што живеат Македонците. Според партијата МАЕИ, последниот пример за ова е „донацијата, во која беше и модуларната амбуланта за селото Глобочени во Општина Пустец“.
„Не сме против донации, кои го подобруваат животот на македонската заедница, но, гневни сме, затоа што оваа фондација ги користи овие активности, за да ги манипулира историските факти и да ги претстави Македонците како Бугари.“ – изјави Васил Стерјовски, претседател на МАЕИ. Според него, албанската влада има обврска да инвестира во регионите, каде што живеат Македонците во Албанија и „да ги заштити нивните права и идентитет од бугарската агресија”. Реакцијата уследи, откако во неделата првите луѓе на споменатата фондација, во целосно опремена модуларна амбуланта, клупи за седење за селата, копир и апарати за печатење за општинската администрација.
Во јули годинава, фондацијата „Бугарска меморија“ на Милен Врабевски од Бугарија, преку адвокатска канцеларија од Тирана, поднесе тужба во Основиот суд во Корча против МАЕИ и нејзиниот претседател Стерјовски. Фондацијата бара од судот во Корча „да ја натера МАЕИ да ѝ ја надомести нематеријалната штета во износ од 10 илјади евра, предизвикана како резултат на ширење клеветнички и навредливи изјав, коиѝ го нарушуваат угледот”. „Бугарска меморија“ бара МАЕИ на својата официјална веб-страница и весници да објави извинување и со допис да го испрати до оние државни и меѓународни институции каде што го испратила претходниот допис со „клеветнички и навредливи изјави” и „да ги плати судските трошоци”. Тужбата на фондацијата „Бугарска меморија” следува по дописот, што МАЕИ на 24 јануари годинава го испрати до премиерот на Албанија, Еди Рама, највисоките албански институции и странските амбасади, во кој бараше забрана на активностите на фондација „Бугарска меморија” во Албанија.
Oва следува, откако се преполовил бројот на Македонци по минатогодишниот попис во Албанија. Според податоците на тамошниот Институт за статистика, како Македонци се изјасниле 2.281 лица, или двојно помалку во споредба со пописот во 2011-та година кога биле евидентирани околу 5.500. За првпат во малцинствата се појавуваат и Бугари. Дури 0,3 отсто од попишаните, или повеќе од 7.000, се изјасниле дека припаѓаат на бугарската етничка заедница. Зголемувањето на Бугарите за сметка на Македонците е „пописен геноцид одобрен од Албанија“, според претседателот на единствената македонска партија Васил Стерјовски. Пописот во Албанија се спроведуваше минатата есен, а македонското малцинство се пожали на закани од бугарски здруженија кои барале Македонците да се попишат како Бугари.






