Мадрид против сепаратистите – ја укина автономијата на Каталонија

Шпанија е една од петте земји членки на ЕУ која не го признава Косово и остро се спротивставува на сепаратистичките тенденции на своја територија, во Европа, но и пошироко и покрај Грција, Кипар, Словачка и Романија.
Очекувано, шпанската влада ги разреши највисоките полициски функционери во Каталонија и ги укина нивните овластувања, неколку часа откако беше воспоставено директно владеење врз регионот.
Ова е прва конкретна мерка преземена откако каталонскиот парламент гласаше за прогласување независност.
Премиерот Маријано Рахој, исто така, го најави распуштањето на регионалниот парламент, отстранување на каталонскиот лидер и повика предвремените локални избори.
За управувањето со Каталонија сега е надлежна потпретседателката на Владата на Шпанија, Сораја Саенс де Сантамарија.
Во текот на ноќта имаше демонстрации за и против независноста, но немаше судири, јави Би-Би-Си.
Кризата започна откако каталонските лидери одржаа референдум за независност на 1 октомври спротивставувајќи се на одлуката на Уставниот суд која го прогласи за незаконско изјаснувањето за осамостојување на оваа шпанска провинција.

Референдумот во Каталонија дојде по неуспешниот плебисцит во Шкотска за напуштање на Обединетото кралство.
Региони во Европа за кои се тврди дека постојат сепаратистички тенденции се и Корзика, која е дел од Франција, Баскија, Северна Ирска која е дел од Велика Британија, референдуми за поголема автономија неодамна се одржаа во Ломбардија и Венето на северот на Италија…
Инаку, Кипар, Грција, Романија, Словачка и Шпанија се земји кои сметаа(т) дека преседанот со осамостојувањето и прогласувањето независност на Косово, може да предизвикаат сепаратистички тенденции и во нивните земји.
Кипар и Грција го имаат на ум проблемот со Северен Кипар каде турското население на Островот прогласи Демократска Република Северен Кипар. Романија и Словачка имаат загриженост поради големото унгарско малцинство останато на територијата што некогаш беше Австроунгарската империја. .