Лошата кондиција на производните капацитети е причина за набавка на струја, алармира „ЕСМ“

„ЕСМ Продажба“ овој период објави отворен повик за рамковен договор за купопродажба на електрична енергија на слободниот пазар поради затекната состојба во која се наоѓаат постојните домашни капацитети во државна сопственост, објавија од компанијата.



Новото раководство се соочува со ненавремено завршени летни ремонтни активности во РЕК ‘Битола’ и РЕК ‘Осломеј’ и ниската кота на хидропотенцијалите, чии акумулации се под просекот за овој период од годината поради лошото менаџирање на хидроресурсите во изминатите неколку месеци. Набавката на електрична енергија ќе му овозможи на ЕСМ АД да ги реализира плановите за подобрување на затекнатата состојба рудниците и хидроакумулациите, како и потребни сервисни активности на постројките, со што ќе се овозможи континуирано производство на електрична енергија во наредниот период, особено во претстојната грејна сезона“, се наведува во информацијата.

Инаку, за две недели Државните електрани ќе потрошат близу 4 милиони евра за да ги надоместат потребните количини електрична енергија. Струјата ќе ја испорачаат неколку трговци по цена од 100 до 120 евра за мегават час. Количините се за период од утре, па се до крајот на септември.

Ова е петти оглас за набавка на струја во последниов период. Од почетокот на август константно се купува  електрична енергија. Само овој месец ЕСМ ќе потроши над 5 милиони евра. Според, извештајот на МЕПСО лани за ова биле потрошени околу 12 милиони евра. Но, со оглед на тоа дека овие набавки се чести, многу лесно може да се надмине оваа сума на пари кои во 2023 биле дадени за да се надоместат потребите.