Ова е мислење на постојаната координаторка на Обединетите нации во Македонија, Рита Колумбиа, која смета дека старосната граница за пензионирање треба внимателно да се разгледа.
Лицата над 60 години треба да имаат избор да продолжат да работат, а не тоа да биде задолжително, вели таа во интервју за МИА кое утре целосно ќе биде објавено.
„Најважно е ова да остане незадолжително.
Многу од луѓето во *Македонија на 67 години можеби не се здравствено подготвени да продолжат со работа како претходно. Затоа треба да им се овозможи активен и здрав живот, а работата да биде личен избор,“ изјави Колумбиа, коментирајќи го предлогот на Фискалниот совет за зголемување на старосната граница за пензионирање на 67 години.
Таа ја посочи демографската промена како „втора демографска дивиденда“, бидејќи луѓето живеат подолго и можат подолго да придонесуваат за економијата.
„Инвестирањето во лицата над 60 години ќе донесе економски придобивки. Ако тие се здрави и активни, можат да продолжат со работа или да започнат сопствен бизнис, но тоа треба да биде по сопствена желба,“ вели Колумбиа за МИА.






