„Никогаш нема да биде јасно како дозволивме во Македонија политичката понуда да се сведе на етнички партии, кои заговараат и спроведуваат радикална националистичка политика, водејќи ја земјата кон распаѓање. Необјасниво ќе остане зошто не можевме да ги наречеме овие радикални националистички партии со нивното вистинско име – новофашистички партии и зошто не можевме да им се спротиставиме во нивниот поход на уривање на македонската нација и македонската држава.“ – вели д-р Александар Литовски, универзитетски професор во Институтот за национална историја во Скопје, во својата колумна со наслов „Гробишта на демократијата“, која ја постави на својот фејсбук-профил. Таа е првично објавена на информативниот портал „Денес магазин“ на 4 јуни 2021 година.
Натаму, покрај другото, Литовски пишува: Необјаснето ќе остане и како некои луѓе по повеќе од седумдесет години слободна македонска држава се откажаа од сопствената македонска национална свест, како го прифатија големобугарското националшовинистичко читање на македонската историја и како се претворија во „класични“ национални одроденици. Македонските граѓани се изложени на вистинската историографска тортура, која им ја вршат наследниците и приврзаниците на бугарските врховисти и албанските балисти.
Таа тортура се врши преку „новопрочитаната“ историја според противмакедонски терк, па многумина македонски граѓани ги загубија вредносните историски насочници, па идоли им станаа „благородните“ Владо Шоферот и Ванчо Михајлов, Мане Мачков и Крсто Кумановски, Џемо и Мефаил: дузина од оние кои испозаклаа, изнакажаа, испострелаа, изобесија, изгазија и испотепаа цел ред идеалисти, комунисти и македонисти, што имаа смелост да се спротивстават на умоболните големодржавни и фашистички фикции. Малоумните воинствени и фашизоидни големодржавни соништа на соседите на Македонија повторно станаа легитимни политики за неофашистичката европската политика и бирократија.





