„Една по една, како стари бруцелозни говеда, ни испоцркаа сите надежи за ‘европскиот сон’. Освен кај нас нема никој жив под овие ѕвезди, кој толку се надеваше дека ќе стане член на една политичко-економска асоцијација, која само што не се распаднала. Само ние вложивме толку многу надежи и енергија да влеземе во друштво, каде што не нè сакаат и каде што сурово нè уценуваат и нè понижуваат.“ – вели д-р Александар Литовски, универзитетски професор во Институтот за национална историја во Скопје, во својата колумна под наслов „Само мртвите го видоа крајот на фашизмот“, која ја постави на својот фејсбук-профил, инаку веќе објавена на 2 јуни 2022 година на информативниот портал „Денес магазин“.
Покрај другото, во колумната Литовски пишува: Што е Европа денес и што претставуваат бесконечните пропагандистички новинарски текстови за обединета Европа во денешнава воена состојба? Дали празниот израз за „европскиот сон“, слично на онаа за „американскиот сон“, е денес национално самозалажување? Пред иконостасите во Брисел на колена се молат и плачат уште само мал број политичко-национални несозреани верници од таканаречениот „Западен Балкан“.
Ние во Македонија, преку европската халуцинација, ако ги тргнеме настрана некои, сепак ситни, финансиски грантови и кредити, добивме само возобновување на фашизмот и уцени и условувања од нашите „европеизирани“ соседи – Грција и Бугарија. Наводно „европеизираната“ Бугарија се претвора во некакво монополистичко погребално претпријатие со ексклузивно право да одредува што мислеле и што чувствувале мртвите низ историјата.
Наводно „европеизираната“ Бугарија се претвора во некакво монополистичко погребално претпријатие, чии вработените продавачи на погребална опрема се обидуваат насила да нè натераат нас, Македонците, да ги прифатиме како свои и да ги чествуваме некои мртви фашистички трупови. Европеизираните големобугарски националшовинисти, преку наметнување на таа своја големобугарска, противмакедонска, националистичка и фашистичка некрографија, како и преку делењето „европски пасоши“, се обидуваат да соберат колку е можно повеќе продадени македонски души во бугарското национално трло.
Под европско знаме и со европски пари и кај нас ќе продолжи и ќе се засили трендот на рехабилитација на фашизмот и фашистите. Профашистичките политички појави ќе зачестуваат и ќе стануваат сè поагресивни. Ќе одат сè подалеку од вистината. Сè повеќе „научни советнци“ и „универзитетски професори“ ќе ги оцрнуваат комунизмот, партизанството и македонската борба за национална слобода, ќе измислуваат злосторства од ослободителите и државотворците и ќе ги релативизираат фашистичките колежи.
На наша почва, бугарските фашисти со нивните македонски врховизирани квислинзи и албанските фашисти ќе бидат величани како борци против комунизмот и патриоти. Улици ќе бидат именувани по касапи и масовни убијци, ќе никнуваат нови споменици на искажани фашисти и антимакедонци. Ќе се цртаат на сите страни кукасти крстови, ќе се веат нацистички знамиња, ќе се индоктринираат децата и младината со разни локални хитлеровци, ќе се држат панихиди во македонските храмови на нацифашизоидни криминалци и убијци.
Македонската држава е закржлавена и неспособна да ги спречи очигледните профашистички и противмакедонски операции на нормализација на злото. Поради тоа, веќе сега ревизионистите преку некроматија (облик на црна магија, во која се повикуваат душите на мртовците, заради претскажување и повикување на демоните– заб.прев.) со Тодор Александров, Ванчо Михајлов, Мефаил Еипов – Мефо од Зајас, Кичевско и Џемо Хасани-Хаса од Симница, Гостиварско, ни предвидуваат дека македонското општество ќе се „предаде“ и ќе ги прифати нивните мистификации како историски вистини и сегашни судбини, дека Македонците ќе се „освестат“ од заблудите, кои им ги „наметна“ Тито и оти ќе бидат создадени голема Бугарија и голема Албанија на сметка на Македонија.
Сето тоа се црни кобежи за иднината на земјата Македонија и човекот македонски. Затоа тоа најитно мора да се промени и да поправи, дури и преку напуштање на фантазмагоријата (привидение на нешто нестварно – заб.прев.) викана „европски сон“.





