Министерот за социјална политика и демографија Фатмир Лимани, кој е и потпретседател на Беса, од коалицијата Вреди, реагираше на обвинувањата од крилото на Зијадин Села во Алијансата за Албанците околу вработувањето на неговиот брат и ќерката. По реакцијата Лимани предупреди дека „ќе следат набргу затворања на функционери на ДУИ“, нагласувајќи: „Нема да се спасите од затворањата!“. Ова го објави информативниот портал на албански јазик „Опен-ТВ.мк“.
„Опен-ТВ.мк“ и „Тетова сот“ ја пренесуваат објавата на Лимани, во која, покрај другото, тој им порачува на Али Ахмети и неговите сопартијци-функционери, кои ги нарекува „удбашите од ДУИ“: „Читам разни написи во врска со три члена на моето семејство, кои сум ги ‘сместил удобно’, но забораваат дека тоа не се сегашни вработувања, а за сите тие клевети ќе одговараат набргу на сите начини…“
„Јас ќе ја напуштам оваа позиција, на која сум сега, и лесно ќе ми биде да им се вратам на моите дамнешни активности, но не знам кај ќе си го најдете вие вашето место потоа… Кражби, рекетирања, убиства… ќе платите за сето тоа и тогаш нема да ве спасат платените информативни портали, купените телевизии… Ќе се видиме набргу! Се што имаме ние сме изградиле со своите раце и немаме ајдучко потекло како вие и вашиот сој!“





