Мораме сами да ја формулираме македонската платформа за решавање на нашите проблеми. Немаме услови да ја очекуваме однадвор, како Тиранската

Средбата донесе доста изненадувања, ама без договор. Ништо не се разјасни бидејќи разликите се многу длабоки и речиси непремостливи. Тоа е равенка со многу непознати.
Прво, средбата беше премногу задоцнета.
Второ, таа му требаше пред сѐ на премиерот. Власта влета во катастрофални меѓународни обврски, коишто не може да ги реализира. За да не се срами пред светот, мораше да бара помош од опозицијата, којашто до тогаш целосно ја игнорираше. Тоа мораше да го стори многу порано. Во таков случај, сигурно ќе беа спречени добар дел од понижувањата на кои власта, на крајно неодговорен и безобразен начин – ја изложи државата. Барем делумно, ќе беше амортизиран жестокиот притисок, на којшто бевме изложени од нашите „стратегиски партнери“ – за да се откажеме од самите себе.
Трето, и опозицијата имаше ќар од средбата. Беше паметно што ја прифатија и што излегоа со свои предлози, коишто имаат логика, ама ништо повеќе од тоа. Имаа добри причини и да ја игнорираат. Предлозите се неприфатливи за власта, ама тоа е нивни проблем. Сепак, тие не се доволни за целосно излегување од калта, во која е доведена државата.
Четврто, неуспехот на уставните промени, ќе беше повод за исклучително жесток напад врз опозицијата, од сите домашни трабанти, максимално мобилизирани по тој повод, ама и од Вашингтон, Брисел, Парис, Берлин… Странците ќе се натпреваруваа кој ќе биде поостер бидејќи нивните интереси би биле доведени во прашање. За Македонија и Македонците, тие никогаш не давале пет пари, ниту некогаш ќе даваат. За нив, ние сме класична монета за поткусурување.
Петто, по завршување на скринингот, при крајот на годината, без уставните промени, опозицијата би била третирана како кочничар на ЕУ перспективите на земјата. Целото сценарио, во кое Бугарија има улога на статист, беше токму така и замислено. Од Брисел, блокадата да се префрли на домашен терен, со крајно негативно експонирање на опозицијата којашто е, нели, „националистичка“, бидејќи ги брани македонските интереси.
Планирано е мобилизирање на народот, што ќе предизвикаше сериозни последици за опозицијата, чиишто рејтинг ќе беше погоден. Со предлозите, опозицијата ќе избегне барем сатанизирање како кочничар.
Шесто, во услови кога ништо не испорачува, а во државата ништо не функционира, власта лаже и манипулира со некакво брзо членство во ЕУ. Тоа им е единствениот опиум за масите. Моментално, ЕУ нема никаква намера да се проширува и тоа ќе трае можеби и 10 години. Македонија, пак, и утре да ги започне преговорите, нема да стане членка за додатни 15, 20, 25… години. Можеби и никогаш.
Седмо, иако на средбата имаше предлози надвор од досегашните приказни, остана длабоката закопаност во претходните позиции. Засега, ништо не е променето а, објективно, нема многу простор за компромис. Власта се обидува да го манипулира народот, со измислици против опозицијата – што прифатила, а што не.
Осмо, во целата оваа турлитава, сигурно се вмешани и странците, иако нема индикатори која е и каква нивната конкретна улога. Калето не се изјасни јавно. Ја знаеме само нивната решителност да ни го променат Уставот и во него, по секоја цена, да ги внесат Бугарите, што неизбежно води во бугаризација на Македонците. Оваа нивна агресивност е нов доказ дека целата операција не е воопшто наивна, дека доаѓа од Вашингтон, а не од Софија.
Деветто, Бујар Османи, веднаш ни потврди дека улогата на странците е важна. Се тврди дека изјавата ја дал додека се одржувале прес конференциите, по средбата. Рече дека ДУИ се спремни (некое време) да бидат надвор од Владата, само за да се овозможи опозицијата да гласа за промена на Уставот. Таков став не се гради на брзина. Бујар ни откри дека процесот е менаџиран. Кај нас, тоа може да го спроведува само Вашингтон. Очигледно, ДУИ бил во тек, и консултиран.
Десетто, по логиката на нештата, на сцената треба сега да се појават правите менаџери на процесот и да започнат барање на компромис. Кај нас секогаш било така. Никогаш и ништо не сме решавале сами за себе. И до, и по Пржино.
Единаесетто, опозицијата е во право дека во преговарачката рамка не е прецизирано кога и како треба да се завршат уставните промени. Ве неа, меѓутоа, Брисел повикува на реализација не само на договорите од Нивици и за (не)пријателство со Бугарија, во што има и некаква логика, туку и на двата катастрофални протоколи, што е невидена бесмислица и злоупотреба од страна на Унијата (Франција).
Протоколите се обични записници од македонско – бугарските средби и такво нешто да ставиш во преговарачка рамка е навистина надвор од умот. Меѓутоа, и за тоа сме самите виновни. Прифативме така да биде. Се разбира не доброволно, ама тоа не е никакво оправдување а уште помалку утеха. Во вториот протокол сме се обврзале дека уставните промени ќе ги завршиме пред втората меѓувладина конференција. Бугарија нема да прифати никаква промена на таа преземена обврска, а Брисел ќе инсистира на тоа.
Целата колумна на Ристо Никовски за Плусинфо на следниот линк:





