Лефков: Посетата на Мицкоски во САД е историски момент

Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, гостувајќи во емисијата „24 Анализа“ на Телевизија 24, истакна дека посетата на премиерот Христијан Мицкоски на САД претставува „историски момент“ за Македонија и придонесува за зајакнување на меѓународните релации со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.



– Посетата носи меѓународна поддршка и значи живеење на историски моменти, бидејќи премиерот на Македонија беше единствениот лидер од Балканот кој присуствуваше на инаугурацијата на Трамп. Светот се менува брзо, а Македонија има среќа што гради одлични релации со неговата администрација и со највисоките ешалони. Единствени добитници од оваа дипломатска офанзива се граѓаните – изјави Лефков.

Тој додаде дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ активно работи на обезбедување меѓународна поддршка и дека посетата на Мицкоски е дел од стратегијата за позиционирање на Македонија како сигурен партнер на глобалната сцена.

– Имаме лидер кој навистина гради историја и е во чекор со она што се случува во светот. Тоа што се најавува, се реализира според планот, со цел Македонија да не влезе во ќорсокак, како што беше во минатото – посочи Лефков.

Осврнувајќи се на актуелната дебата за евентуалната промена на грбот и химната, Лефков беше дециден дека вакви промени нема да се случат.

– Нема разговор за менување на химната, нема да има, ниту некогаш ќе дозволиме таква дебата. Разговорите за промена на грбот се стари и потекнуваат од пред една деценија, но не се за да се оттргне вниманието од актуелните теми – изјави Лефков.

Тој ја обвини опозициската СДСМ дека нема кредибилитет да зборува за прашања поврзани со Уставот, потсетувајќи дека токму нивната власт дозволила, како што рече, „отворање на Уставот и прекршување на Деловникот во Собранието“.

– Власта на СДСМ и ДУИ дозволи Уставот да биде отворен, а Талат Џафери да не го почитува и сам да одредува кога ќе се гласа за одредени уставни измени. Тие што тоа го дозволија, денес немаат никаков кредибилитет да зборуваат за отворање на Уставот – заклучи Лефков.