Италијанската фудбалска легенда Џенаро Гатузо во наредните две сезони ќе го води хрватскиот гигант Хајдук, чиј член е македонскиот репрезентативец Александар Трајковски.
Гатузо ќе пристигне во Сплит следната седмица на почетокот на подготовките на „били“, кога и официјално ќе биде претставен, соопшти клубот.
„Во својата играчка кариера освои речиси сè што можеше да се освои. Светски шампион со Италија во 2006 година, освојувач на Лигата на шампионите со Милан во 2003 и 2007 година, двоен победник на Серија А, Суперкупот на УЕФА и Суперкупот на Италија, а еднаш го освои и Светското клупско првенство.
Поради стилот на игра, борбеноста, бескомпромисноста и изразениот победнички менталитет, тој стана икона на светскиот фудбал“, се вели во информацијата на клупската вебстраница, во која се нагласува дека тој стекна светска слава како играч во црвено-црниот дрес на Милан, кој го носеше 13 сезони и на 468 натпревари.
Во 2013 година ја почна својата тренерска кариера во швајцарски Сион, каде што ја заврши играчката, а ги има водено и Палермо, грчки ОФИ Крит, Пиза, Милан, Фиорентина, Валенсија и Олимпик Марсеј.






