Производителот на луксузни спортски автомобили Ламборџини му донираше на папата Френсис сосема нов „ураган“ модел кој ќе биде понуден на аукција, а добиената сума ќе биде предадена на хуманитарни цели, пред се, во Ирак.
Дел од парите од аукцијата ќе бидат насочени кон реконструкција на христијанските заедници, куќи, цркви и јавни згради во областа Ниневија во Ирак, која беше уништена од страна на исламската држава.
Ватикан објави дека целта е раселените христијани „конечно се вратат во своите корени и да си го вратат достоинството“. Остатокот ќе биде доставен до добротворни друштва кои ќе им помагаат на жените жртви на трговија со луѓе и на оние кои обезбедуваат медицинска помош за Африка.
Официјалните претставници на компанијата му дадоа на Папата бел автомобил, кој тој веднаш го благослови.
Основната цена за овој модел кој првпат се појави во 2014 година e во висина од 183.000 евра. Специјалното издание направено за добротворната организација на Папата, дефинитивно ќе постигне многу повисока цена на скорешната аукција.
Папата во неговиот роден град Буенос Аирес патувал со јавен превоз и ги критикувал луѓето кои ги купуваат најновите модели на автомобили или мобилни телефони.
Откако станал Папа, во Ватикан се возеше во син „форд фокус“ и одбива луксузни автомобили на патувањата во странство и се вози со едноставните и евтини модели на „ФИАТ“ или „КИА“.




