Лазаров во „Бизнис-клуб” се залага за создавање на иновациски екосистем

Во најновото издание на поткастот „Бизнис-клуб”, во разговорот што го водеше претседателот на Стопанската комора Бранко Азески со своите гости – проф. д-р Ирена Кикеркова, професор по надворешна економија и по меѓународна трговија на Економскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј” Скопје, и проф. д-р Дарко Лазаров од Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев” Штип и проректор за иновации и развој – во фокусот се врската меѓу науката и бизнисот, која е значајна за развој на македонската економија, дуалното образование во високото образование и соработката со компаниите за реализација на практичната настава.



Во поткастот беше истакнато дека името на проф. д-р Кикеркова е поврзано со почетоците на вклучувањето на компаниите во реализацијата на практичната настава во високото образование, значајно за добивање стручни знаења и практични вештини кај студентите. Во разговорот проф. Кикеркова истакна дека на почетокот соработката била едвај видлива, а Стопанската комора била меѓу првите која, покрај банките и Царинската управа, ги отворила вратите и им овозможила на студентите да реализираат практична настава, со што се здобиле со солидни знаења за надворешната трговија, но и на професорите бидејќи имале можност да учат директно од стопанствениците и да се запознаат со нивните проблеми, што им помогнало во редизајнирањето на студиските програми.

– Во еден период кога фирмите беа исклучително затворени за примање студенти на практична работа, што беше законска обврска за високото образование, мака мачевме со огромниот број студенти. Банките нешто прифаќаа, Царинската управа многу ни помогна, таа е наш долгогодишен партнер, а Стопанската комора широко ги отвори вратите, па затоа сме имале многу студенти од Катедрата за надворешна трговија кои кај вас, на практична работа, не само што ја исполниле законската обврска туку биле полни со впечатоци од работите што ги научиле бидејќи учеле директно од стопанствениците – истакна проф. Кикеркова.

Кикеркова прави паралела со дуалното образование во средните училишта и смета дека, наспроти резултатите постигнати во средното образование преку системско и институционално уредување на дуалното образование, во кое Комората даде најголем придонес, во високото образование соработката со бизнисот е сè уште недоволна и на пониско ниво, а реализацијата на практичната настава е сведена на формалност. Според неа, недостигот на практично искуство кај студентите е еден негативен аспект во високото образование.