Лабовиќ: Промашени темелите за реформа во правосудството

Универзитетскиот професор Миодраг Лабовиќ смета дека стратегијата за реформи во правосудството е поставена на погрешни темели и дека таа нема да ја постигне крајната цел.



Лабовиќ вели дека во оваа Стратегија недостасуваат најбитните стратешки насоки, или, има само нафрлање на празни стратеши насоки, без јасен генерален пристап, како, на кој начин ќе се остварат зацртаните цели.

– Прво и основно, во Стратегијата воопшто не се разгледува можноста, не постои стратешка насока – на кој начин во иднина ќе се предлага, избира и пред кого ќе одговара Јавниот Обвинител на РМ, како “Глава“ на целото Јавно обвинителство во РМ, вели професорот Лабовиќ.

Според него главниот поблем е во тоа што се утнати темелите на кои треба да се базираат длабоките структурни реформи во правосудниот систем.

„Тоа е нешто слично како да градите куќа, која однадвор е многу убава, зошто има одлична фасада, покрив и ентериер, но ако темелите се слаби, таа куќа може да се распадне како “кула од карти“. Во случајот со Стратегијата, така, како што е проектирана, можам одговорно да тврдам дека е изгубено повторно, по којзнае кој пат, драгоцено време. На ваков начин, памтете ми го зборот, македонското правосудство, генерално гледано, освен чесните поединци, како исклучоци, не може да има квалитативно позитивни промени во однос на високата корупција и институционалниот тип на организиран криминал, кои што најмногу го загрозуваат владеењето на правото, бидејќи во таквите кривично-правни настани евентуално можат да бидат инволвирани највисоки актуелни политичари. Многу причини, за кои се надевам ќе зборуваме понатаму, не ни дават простор за оптимизам дека правосудството од слуга на една партија односно коалиција, нема повторно да премине во слуга на друга партија односно коалиција“ вели Лабовиќ во опширно интервју за Прес 24.