Некогашниот славен хрватски ракометар, а подоцна тренер, Ненад Кљаиќ, го коментира настапот на Македонија на стартот од Европското првенство.
„Го гледав двобојот меѓу Словенија и Македонија и признавам дека резултатот, играта и сето останато во тој натпревар ме оставија изненаден. Полесно кажано, Македонија многу пријатно ме изненади, а Словенија баш непријатно ме разочара. Се гледа дека Македонија ги собира плодовите од работата, победата ја оствари заслужено, со храброста, но и со квалитетот што досега беше скриен. Тоа е привлечноста на европската смотра, секогаш да с епојави некој нов…“, изјави тој за „Дневно.хр“.
Како кружен напаѓач, Кљаиќ има златни медали со Хрватска од Олимписки игри 1996 во Атланта и од Медитерански игри две години претходно во Франција, сребро со СФР Југославија од Игри на добра волја 1990 во САД и бронза со „коцкестите“ од Европско првенство 1994 во португалија. На клупски план, со Загреб ја освои Лига на шампиони во 1992 и во 1993 година, а со германски Гросвалштат триумфира во Купот на градовите 2000. Како тренер ги има водено Загреб и Гросвалштат, а во два наврата беше селектор на Саудиска Арабија.





