КСС го праша ССМ: Кој е основот за 500 евра минималец? Трендафилов остар: Не прашувајте, туку делувајте

КСС и ССМ на иста маса, но не на преговори, туку на ТВ дебата. Во најновото издание на емисијата „Бизнис21“ на ТВ21 гостуваат Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), и Благоја Ралповски, претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС). Тема на дебатата е зголемувањето на минималната плата, при што двајцата синдикални лидери ги изнесоа своите ставови за економската оправданост и потребата од нејзино усогласување со животните трошоци.



Во текот на дискусијата, Ралповски му постави прашање на Трендафилов: „Кој е основот на 500 евра минимална плата?“ со што ја отвори дебатата за тоа дали барањето на ССМ е реално, одржливо и усогласено со економските параметри.

  • „Пред да продолжам, едно мало појаснување ќе побарам од колегата за тоа кој е основот на онаа минимална плата од 500 евра, затоа што претходно слушавме 450, 550, 500… Само да ни го кажете основот за да имаме ние да размислиме во која насока треба да се движиме како синдикат“, рече Ралповски.

На ова веднаш врати Трендафилов кој му кажа „Претседателе, не ви е улога да прашувате, туку да делувате во интерес на работниците“.

Трендафилов ги образложи аргументите на ССМ, истакнувајќи дека основот е зголемените трошоци на живот.

  • „Основот е зголемувањето на синдикалната кошница која е за 100 евра за една година поскапена, значи мене, вас, на работникот со минимална плата 100 евра му е поскапо и секој месец дополнително поскапува“, вели Трендафилов.