Крикот на дипломатите за самобендисаниот министер во полициска патрола низ Европа

КРИКОТ НА ДИПЛОМАТИЈАТА
Пишува Зоран Дабиќ
Екс амбасадор на Макеоднија



По кој знае кој пат, Македонскиот дипломатски синдикат вчера го крена гласот против самоволието, злоупотреба на службена должност, кршење на законите и прописите и злоупотребата на службата од страна на министерот Бујар Османи, заради неговата незаситна желба за само промоција.

Последната непосредна причина беше „полициската“ патрола на Османи низ неколку наши амбасади и конзулати низ Европа, „да видел каква била динамиката на издавање“ на пасошите!? Како да за тоа нема податоци во Скопје?!

Се сеќавам на слично постапување на Османи и пред неколку години, кога лично патролираше низ Скопје со камера во автомобил и јавно проверуваше каде нема двојазични табли на институциите, во стилот на славниот детектив Елиот Нес. Очигледно, оваа полициска жичка му е својствен манир на однесување.

Човек да се запраша до кога со тоа бедно саморекламирање? Зарем тој навистина верува дека некој ќе му поверува дека со сликањето во амбасадите ќе го решел проблемот со патните исправи?

Ајде што се изрезилил по кој знае кој пат, туку Османи патем прекршил и повеќе закони и правилници врзани за доверливоста на личните податоци, нивно објавување по медиуми, достапноста до нив и др. за што реагираше дипломатскиот синдикат. Во конзуларните работи точно е определено кој има право на увид во личните податоци, а министерот сигурно не е еден од нив. Но, тој очигледно се смета себе си за шериф и дека ете, бидејќи е министер, може да ја злоупотребува положбата, да го пика носот во сите, па и нај техничките процеси, кои патем се од чисто лична и доверлива природа. Ете работа за Јавното обвинителство, тогаш кога ќе собере сили да дејствува по допрен глас.

Најискусните дипломати во МНР и Македонскиот дипломатски синдикат упорно, сите овие години, го повикуваат Османи да ги почитува законите и прописите, да го почитува системот на професионални и кариерни стандарди и да не го претвора МНР во трло на ДУИ.

Нивниот крик за професионализација го слуша целата јавност, но не го слуша арогантниот Османи. Тој не најде за неопходно ниту еднаш да ги повика дипломатите, да поразговара за нивното видување на работењето на МНР, за нивните грижи и проблеми. Дали не дава пет пари за нив или пати од тешка увоболка, не би знаел да кажам. Но знам дека вака веќе не оди.

Османи мораше да има доблест барем на крајот од своето министерување да ги слушне своите колеги кои му ги подготвуваат говорите, агендите и патувањата за да гордо се слика низ светот. Тие имаат и повеќе искуство и повеќе знаење од Османи за дипломатските работи. Тие се зимзелени, а тој е листопаден.

Се ближи пролетта и дрвјата ќе зазеленат со нови листови. А уличните чистачи ќе ги соберат паднатите и скапаните лисја и ќе ги фрлат на ѓубриште. Патеките треба да се исчистат.