Кремљ вчера реагираше дека бил неприфатлив односот кон руските новинари кои отпатуваа во САД за да известуваат за претседателските избори следната недела.
Руските медиуми објавија дека новинарите на медиумската група „Известија“ биле испрашувани 10 часа, а на еден од нив му била одземена визата и дека бил протеран од земјата.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека Русија „ќе одговори соодветно“.
Таа за Спутник изјави дека визата на снимателот на весникот „Известија“ му била поништена од „административни причини“.
„Таму не отпатуваа инкогнито, отидоа врз основа на издадени документи. Тие ја кажаа својата цел – да работат како новинари, да ги следат изборите. Ги поминаа сите процедури. Добија визи, дозвола, земаа цел пакет документи и се упатија кон САД. Таму беа примени на аеродромот, приведени и испрашувани. Сослушувањето траело неколку часа, а потоа на снимателот на групата не му беше дозволено да ја премине границата и му беше укината визата за влез. Како причина беа наведени административни причини. Не е јасно што значи тоа. Ете така, административни“, рече Захарова.
Таа истакна дека додека се случувало сето ова, американската администрација не ги информирала руските дипломати и руската амбасада во Вашингтон за приведувањето на државјани на Руската Федерација.






