„Крвавиот Божик“ и по 73 години ги раскарува Македонците и Бугарите

Различното толкување на настанот што се случил во Македонија на денешен ден пред 73 години познат како „Крвавиот Божик“ или „Крвавото Коледе“ покажува дека ќе имаат полни раце работа експертските комисии за историски и за образовни прашања што треба да се формираат по ратификацијата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, најавена за средината на месецов.



„’Крвавото Коледе’ или ‘Крвавиот Божик’ е кампања од политички репресии во текот на јануари 1945 година. Тоа е епизода од политичкиот терор во Социјалистичка Република Македонија, во која се ликвидирани или малтретирани без суд или пресуда луѓе со искажано бугарско самосознание. Жестокостите извршени од комунистичките власти започнуваат на 7 јануари – на христијанскиот празник Коледе по стариот стил. По наредба на маршалот Тито се убиени 1.200 Бугари, за кои списоците се подготвени од Лазар Колишевски. Целта била да се избрише бугарското самосознание и да се забрза процесот на македонизација на населението. Според Веселин Ангелов, за време на репресиите во текот на 1945 година во охридско и во преспанско се убиени 23.000 Бугари, а други 130.000 Бугари се исселени, протерани и прогонети, испраќани во концлогорите на Титова Југославија.

Во Скопје се убиени 63 лица, во Велес 54, во Куманово 48, во Битола 36, во Штип 77, во Прилеп 35, во селото Владимирово, беровско, – 330 души. Крај Охридско и Преспанско Езеро, во планината Галичица кај село Отешево се убиени многу Бугари, а телата се фрлани во Преспанско Езеро. Во Велес телата се закопани зад црквата ‘Свети Спас’ и кај Пуста кула“, е верзијата присутна во бугарските медиуми што не пропуштаат секоја година на овој ден да го одбележат овој настан.

Сосем спротивен е македонскиот поглед, според кој тој ден настрадале македонски војници и офицери, кои наместо на Сремски фронт барале да одат за Солун и да ја ослободат Егејска Македонија.

„Македонска крвава коледа (1945) — масовни убиства на над 1.200 Македонци кои не се согласуваа со новата југословенска политика. На 7 јануари 1945 година, првиот ден на Божик, по список составен од Лазар Колишевски во Вардарска Македонија се убиени без суд и пресуда 1.200 луѓе. На 26 декември 1944 година, неколку дена пред Божик 1945 година, во касарните во Скопје и во Штип се побуниле неколку илјади војници и над 100 офицери. Тие не биле согласни со дојдената заповед од Белград да заминат на фронт во заштита на Србија. Ја изјасниле својата желба војската да се насочи кон Солун, за да се ослободат сонародниците од Егејска Македонија. Пратениците на Тито, Светозар Вукмановиќ-Темпо, Лазар Колишевски и генерал Михајло Апостолски одлучуваат дека сега е моментот за пресметка со приврзаниците на ‘бугарскиот окупатор’. Тие ги собираат околу себе српските офицери и им кажуваат дека побунениците се некакви ‘бугараши’, ‘ванчомихајловисти’, ‘ВМРО-вци’ и ‘фашисти’. Генерал Апостолски ги примамува побунетите офицери во Офицерскиот клуб во Скопје ‘за да разговараат за ова прашање’. Таму веднаш ги разоружуваат, ги апсат и ги затвораат во занданите на старата турска тврдина Кале. По кратко испрашување водено лично од Темпо, само за неколку часа се стрелани над 70 офицери. Пред испрашувањето Темпо на секој му велел: ‘Хоќеш Солун, ево ти га…’.

Војниците кои веќе се прибрале во касарните почувствувале дека со нивните офицери нешто се случува и околу 1.000 од нив повторно се насочуваат кон центарот на Скопје. Таму се пресретнати од добро забарикадирани српски партизани, кои започнуваат против нив безмилосна автоматска стрелба. Убиените на плоштадот се околу 100, над 900 се уапсени и затворени во Скопско кале. Таму се чуваат повеќе од еден месец без леб, вода и ќебиња. Речиси сите умираат од глад и студ. На 6 спрема 7 јануари 1945 година почнало масовно истребување на градоначалници, свештеници, учители, обични селани низ цела Македонија. Тие биле нарекувани ‘бугараши’ и ‘помагачи на бугарскиот фашистички окупатор’, без суд и пресуда. Се употребувал тукушто изгласан ‘Закон за заштита на македонската чест’“, е македонската верзија на тоа што се случувало во Македонија на 7 јануари 1945 година.