Крај за двојните стандарди при македонскиот ЕУ маратон спротивни на темелните вредности и принципи, средба на Сиљановска – Давкова со Мајнл-Рајсингер

Сиљановска-Давкова ја прими Беате Мајнл-Рајсингер, министерка за европски и меѓународни работи на Република Австрија



Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со Беате Мајнл-Рајсингер, сојузна министерка за европски и меѓународни работи на Република Австрија, на којашто беа потврдени одличните политички односи, засновани на почит и разбирање и нотирана развиената и интензивна соработка во телекомуникациите, банкарството, културата, образованието и други области.

Претседателката, напоменувајќи дека во последните две децении Австрија е најголемиот странски инвеститор, со над 50 компании во државава, укажа на потенцијалот за продлабочување на економската соработка, особено во областа на обновливите извори на енергија, во инфраструктурата и во образованието, се вели во соопштението од кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Министерката Беате Мајнл-Рајсингер го посочила туризмот како гранка во чиј развој, австриското успешно искуство може да биде од голема помош за Македонија.

Според соопштението претседателката Гордана Сиљановска- Давкова укажала на потребата од ставање крај на македонскиот маратон кон Брисел, условен од билатерализацијата на процесот на евроинтеграција и двојните стандарди за членство, понекогаш спротивно на темелните вредности и принципи, утврдени во конститутивните документи на ЕУ.

Потенцирајќи дека Западниот Балкан беше и останува приоритет и на новата австриска Влада, министерката Мајнл-Рајсингер истакнала дека без Западно-балканскиот регион, Унијата не е целосна. Посочувајќи ја Австрија како наш силен поддржувач, таа потврдила дека македонската иднина е во Европската Унија, како и дека разговорите за решавањето, но и пронаоѓањето на самото решение на овој неоснован билатерален спор, би сакала да се случат во Виена, стои во соопштението.

Изразувајќи ја својата искрена благодарност за солидарноста и помошта по трагедијата во Кочани, Сиљановска-Давкова рече дека Австрија уште еднаш докажа дека е наш искрен пријател и партнер, се вели во информацијата од кабинетот на претседателката.

На средбата обете се согласиле дека е време за посета на највисоко ниво, во Скопје, или Виена.