Дел од бугарската опозиција тврди дека Бугарија била натерана да го потпише договорот со Македонија поради притисок од НАТО која сака да ја види Македонија како своја членка, владеачката партија ГЕРБ заслугите за потписот ги препишуваат на премиерот Борисов а кредит за договорот сака да си препише и вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов.
Тој тврди дека бил катализатор на процесот кој доведе до потпишувањето на договорот затоа што се обидел да види што е заедничко за двете држави.
Според него договорот става крај на „ступидната“ политика на конфронтации.
Сепак Каракачанов кој е лидер на бугарското ВМРО – БНД не пропушти да ја повтори својата теза за еден народ во две држави. Според него Илинденското востание кое Бугарите го нарекуваат Илинденско – Преображенско е најголемото и најдобро организирано бугарско востание во пет вековното владење на Отоманската империја на сегашните територии на Бугарија, Македонија, Грција и Албанија.





