„Се договоривме во Њујорк со многу интересниот министер за надворешни работи на нашиот сосед Никола Димитров да имаме заедничка комисија почнувајќи од 4 ноември. Таа ќе работи 4 месеци – се надевам дека ќе функционира и ќе ја заврши својата задача – чешлање на училишните книги за да се искорени иредентизмот и мапите кои што постојат во учебниците, изјави шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас за средбата во Њујорк кон крајот на минатиот месец.
Вчера од Солун, Коѕиас рече дека се надева дека во еден момент ќе можело да се дојде до ситуација во која ќе можело да се направат значајни разговори за името.
Никогаш не реков дека тоа е поврзано со јазикот или со други прашања, изјави грчкиот министер за надворешни работи одговорајќи на новинарско прашање дали, како што објавија некои грчки медиуми, Атина спори и други прашања покрај името на северниот сосед.
Ние треба да ги решиме проблемите и да не се плашиме, рече Коѕиас.
Тој призна дека Грција дејствувала арогантно на полуостровот во деведесетите, но ги научила лекциите и се свртува кон градење довербата.
Во контекст на вчерашната средба на која беше домаќин на министрите за надворешни работи на соседните земји – Никола Димитров, Екатерина Захариева и Дитмир Бушати – Коѕиас истакна дека Атина ќе ги поддржи земјите од Западен Балкан за членство во ЕУ.





