Најдобрата македонска кошаркарска селекција вечерва во Скопје ќе го има вториот настап во групата Ц од претквалификациите за Светското првенство, а тој е оптоварен со многу императиви. Нив ги создава поразот од Косово во средата и лошиот, неизбалансиран настап во црвено жолтите кои минуваат низ транзиција и прилагодување на игра без неколкумина стандардни во последните години.
Но сето е сега неважно зошто едноставно мора да се слави и да се тргне во стабилизирање на екипата, а тоа познато е, најлесно се чини во добра атмосфера која ја носат триумфите.
Естонија не е непремостлива според рејтингот и резултатите од последните години зошто ние, за пример, имаме повеќе Европски од нив (Македонија 4, Естонија 1), но тоа може да добие и друга димензија ако се знае дека од последното на кое настапивме, и ние и тие, Естонците трпеле малку измени во составот, додека ние сме во сосема ново руво. Така кај гостите се уште играат Стен Сок, Веидеман, Талтс и Кангур, а на клупата е Тит Сок.
Во нашиот тим е неизвесно колку Џордан Теодор ќе може да помогне и тоа е енигмата која директно влијае на шансите на Македонија зошто Американецот со наш пасош, видовме и во Приштина е човек екипа, и може и сам да победи секого. Нормално потребно е сите да бидат поразлични од првиот дуел кога бевме очајни, особено во првото полувреме кога и го загубивме мечот на Косово.
Македонија против Естонија вечерва од 20.30 во арената Борис Трајковски во Скопје за прва и задолжителна победа во овие мундијалски претквалификации. На друг исход и не размислуваме зошто потоа се ќе биде лотарија.





