„Кочани, тагуваме со вас“: Навивачите на Пирин со транспарент на мечот во Дупница

Навивачите на бугарскиот фудбалски второлигаш Пирин од Благоевград истакнаа транспарент со порака за солидарност за трагедијата во Кочани на вчерашното гостување во Дупница против Марек во дербито на колото од Втората лига на Бугарија.



„Кочани, тагуваме со вас“, порачаа од „Пирин ултрас“ на натпреварот што нивните миленици го добија со 1:0 и се зацврстија на третото место, кое води во баражот за Првата лига.

„Господ да ги прости сите наши загинати браќа и сестри“, напишаа фановите на Пирин во објава на својата страница на Фејсбук илустрирана со македонското знаме и со црна панделка врз него.

Тие пред некоја година бараа нивните миленици да настапуваат во македонската фудбалска лига поради судиските неправди кон Пирин, според нив, во тогашната прволигашка конкуренција во Бугарија.

Во четвртокот и навивачите на Локомотив Пловдив извадија транспарент со пораката „Бугарија тагува со вас“ на црна заднина на мечот од Лигата на нациите меѓу Бугарија и Република Ирска.