Како Јавен обвинител на Република Македонија ги отфрлам неоснованите тврдења за наводно мешање во предмет во кој повеќе од еден месец постапувало Вишото јавно обвинителство Скопје за кои тврдења до овој момент не е презентиран ниту еден доказ, вели во својот демант Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Реакцијаа на Коцевски следува после изјавата на премиерот Христијан Мицкоски кој рече дека добил информација за вршење на притисок од страна на Коцевски за еден судски предмет.
Претходно обвинителот Мустафа Хајрулахи имаше изјава во медиуми дека Коцевски наводно му посочил како да постапува со предмет поврзан со ВМРО-ДПМНЕ и со бонусите на СЈО.
Во реакцијата која ја пренесуваме во целост Коцевски вели:
„Контролата во Вишото јавно обвинителство Скопје ја опфаќа работата на сите јавни обвинители во тоа обвинителство, а обвинителите кои чесно и одговорно си ја вршеле работата немаат ниту реакции, ниту стравувања, бидејќи знаат дека контролата се спроведува согласно закон.
– До крајот на овој месец контроли ќе бидат извршени и во сите останати виши јавни обвинителства и во ОЈОГОКК. За сите контроли задолжени се јавните обвинители од републичкото обвинителство распоредени како координатори за соодветните обвинителства со редовен годишен распоред. Според задолженијата, тие ќе треба да го проверат предметното работење на сите јавни обвинители во предметите во кои обвинителите се откажале од жалба или од обвинение. Затоа очекувам нападите кон мене да продолжат со уште поголем интензитет, особено од страна на лица кои со вакви обвинителски одлуки се спасиле од кривичен прогон додека граѓаните очекувале правда“, вели во реакцијата Коцевски.






