Неправедната приватизација и уништувањето на повеќето јавни институции во Македонија, вклучувајќи ги образовниот и здравствениот сектор и културната и духовна деградација, се некои од покрупните грешки кои се направени во Македонија од осамостојувањето до денес, вели академикот и доскорешен претседател на МАНУ, Љупчо Коцарев, во интервју за  „Скопско Ехо“.



„Ако се земат предвид договорите со Грција и со Бугарија, Преговарачката рамка (официјален документ на ЕУ), неправедните пристапни преговори и непроменетиот, ненаучен пристап на Бугарија за непостоењето на македонскиот јазик, што, всушност, се потврди со Унилатералната изјава на Бугарија за непризнавањето на македонскиот јазик, поднесена до Советот на ЕУ, на 18 јули 2022 година, произлегува дека Владата, за да започнат пристапните проговори со ЕУ, веќе се согласила дека во Македонија не живеат и никогаш не живееле Македонци“ вели академик Коцарев.

Според него Македонија е поробена земја: протекторат, вазал, банана-држава, неоколонијален феуд.

“Изберете кој било од овие термини и нема да погрешите. А, за тоа исклучиво се виновни македонските политичари, кои во минатите триесетина години, поддржувајќи лукративни, сервилни, недостоинствени форми на владеење, хм…, поточно, на дивеење, ја трансформираа Македонија од слободна земја во поробена земја, во која целосно се суспендираат македонскиот уставен поредок и правен систем“ вели доскорешниот прв човек на МАНУ.

Коцарев порачува дека Македонија има само една алтернатива: граѓаните да влезат во бескомпромисна борба за надминување на проблемите со партизираната држава и заробените институции, со дивеењето, корупцијата, злоупотребите, непотизмот, со непочитувањето на државноста и суверенитетот.

„Сакам да живеам во правна држава…“, вели Коцарев.