„Структурата што овозможува да се отфрли постоењето на идентитетскиот геноцид е ЕУ. Таа структура во нашата колективна свест би требало да се толкува: ЕУ нѐ штити од зло и носи среќа. Но пораките што Македонија ги добива од самитите на Европската Унија постојано ги потврдуваат европската непринципиелност и застранувањето од темелите и принципите. врз кои своевремено е зачната идејата за заедничка европска заедница. во која ќе се почитуваат правата на сите.“ – истакнува академик Љупчо Коцарев од Македонската академија на науки и уметности во својата колумна со наслов „ЕУ и идентитетскиот геноцид на Македонците“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Покрај другото, Коцарев во колумната пишува: Според „Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството за геноцид“, геноцид е кое било од следниве дела сторени со намера да се уништи, целосно или делумно, национална, етничка, расна или религиозна група, како таква: (а) Убиство на членови на групата; (б) Предизвикување сериозни телесни или ментални повреди на членовите на групата; (в) Намерно нанесување на групните услови на животот, пресметани да доведат до нејзино физичко уништување целосно или делумно; (г) Наметнување мерки наменети за спречување раѓања во групата; (д) Насилно пренесување деца од групата во друга група.
Повикувајќи се на второто дело „предизвикување сериозни телесни или ментални повреди на членовите на групата“, треба да се констатира дека договорите со Грција и Бугарија и Преговарачката рамка со ЕУ насилно ги ревидираат македонскиот идентитет, македонскиот јазик и македонската историја. Тие притоа предизвикуваат сериозни ментални повреди: „идентитетска траума“, а сите сериозни ментални повреди предизвикуваат и сериозни телесни повреди. Затоа е излишно прашањето дали во Македонија е извршен геноцид (културен, етнички, идентитетски или само геноцид): ние ја знаеме вистината, бевме и сѐ уште сме сведоци на геноцидот.
Пораките што Македонија ги добива од самитите на Европската Унија постојано ги потврдуваат европската непринципиелност и застранувањето од темелите и принципите, врз кои своевремено е зачната идејата за заедничка европска заедница, во која ќе се почитуваат правата на сите. Но какви всушност се темелите и принципите врз кои е изградена ЕУ? Многубројните геноциди (во и надвор од Европа), извршени од Европејците, се дел од културното наследство на нациите, што го чинат ЕУ-семејството. Тогаш, дали ЕУ воопшто може да се надева дека другите ја восприемаат како пример за праведност и принципиелност?
Како македонскиот народ да престане да верува дека ваквата ЕУ, чија меморија е толку оптоварена со ужаси, што ниту една политичка еволуција не може да ги избрише од колективната потсвест на ЕУ, е опасност за опстанокот на Македонците? Какви се колективните психички последици на народите, вклучувајќи го и македонскиот народ, кога еднаш и засекогаш тие ќе станат свесни дека европската сегашност е обременета од насилство, геноцид, ропство, грабеж, колонијализам…?
Владетелите во Македонија од 2017 до 2024 година се виновни што беа нечесни, што лажеа, што манипулираа, што самите себеси се лажеа, што тргнаа по патека, од која враќањето се граничи со чудо, но е возможно. Идентитетскиот геноцид се одвива пред нашите очи секој ден, правејќи ги соучесници оние, што не го осудуваат.
Home Македонија Коцарев: Наместо да ги заштити Македонците од идентитетскиот геноцид со договорите со...





