Коцарев: Македонскиот културен геноцид, започнат во 2016, сѐ уште трае! – Преспанскиот и Бугарскиот договор се штетни!

Со дехуманизацијата е поврзан и културниот геноцид. Македонскиот културен геноцид започна во 2016 година и сѐ уште трае. Архиепископот Македонски и Охридски Стефан кажа: „Но во моментов најсилен удар во поглед на идентитетските прашања, којшто му се задава на Македонецот, е идејата дека не постои историски македонски корен, оти не постои македонски национален идентитет. Да ни го негираат правото на постоење и да ни ги одземаат историјата и културата, одамна сме научени како народ и како црква… Тажно беше кога однадвор други нè негираа, застапувајќи ги своите интереси. Но неспоредливо потажно е кога самите одвнатре се негираме, застапувајќи туѓи интереси како свои. – истакнува академик Љупчо Коцарев во својата колумна со наслов „За дехуманизацијата и културниот геноцид“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Покрај другото, натаму Коцарев пишува: Дали треба да има лична и колективна одговорност за потпишувањето на договорите со Грција и со Бугарија и за прифаќањето на Преговарачката рамка со ЕУ. И ако да, од кого?

Нема да пишувам за личната одговорност на поединците, кои се одговорни за штетните, неправедните, нелогичните и неуставни договори со Грција и со Бугарија и за прифаќањето на понижувачката Преговарачка рамка со ЕУ. Но, кои се носителите на колективната одговорност? Не само поединци, туку и држави и државни сојузи можат да извршат злосторства, на пример, културен геноцид.

Нема да зборувам за надворешните чинители, туку ќе се задржам на еден домашен ентитет. Не исчезнува одговорноста на партијата, во чие име беа потпишани договорите и беше прифатена Преговарачката рамка. Таа одговорност ќе трае, дури и тогаш кога политичарите ќе бидат веќе заминати од владејачките позиции. Ако некогаш партијата се реши да ја признае својата одговорност, по тоа ние, Македонците ќе ја цениме. Инаку никогаш во „веки веков“.