„Македонија нема друга алтернатива освен отворено да се спротивстави на договорите со Грција и со Бугарија, но и на и Преговарачката рамка со ЕУ! Ставот на ЕУ и на другите стратегиски партнери, преточени во договорите и во рамката, дека Македонците ‘ќе бидат асимилирани: отпорот е залуден!’ мора да се претвори во неговата спротивност: отпорот не е залуден – тој е нашиот единствен излез!“ – вели академик Љупчо Коцарев во својата колумна со наслов „Капитализмот е мртов“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Покрају другото, натаму Коцарев пишува: Еден од основните услови за економскиот развој на Македонија, кој треба да го спроведе идната влада, е и департизација на институциите во државава. Во јавниот сектор на Република Македонија активни се 1.354 институции, во кои работен однос имаат засновано 129.374 лица. Од вкупниот број вработени лица во Македонија 18,8 проценти се на државни јасли.
Македонија ќе опстои само ако биде нејзината департизација приоритет на идната влада. Затоа предлагам:
(1) Слабеење на позициите на извршната власт и администрацијата, па затоа е потребно да се намали бројот на ешалони на извршната власт, но и да се ограничи, па дури и да се изземе извршната власт од раководење на јавните претпријатија, јавните установи и акционерските друштва во сопственост на државата (на пример, ЕСМ, МЕПСО, Пошта и други);
(2) Намалување на ингеренциите на извршната власт во подрачја, кои се утврдени, според Уставот, како самостојни области на општеството (образование и наука, култура, здравство итн.). Во изминативе години се случува огромна инфлација на законски прописи и нивни чести измени, особено во образованието, науката и културата, донесени во скратена постапка и без поширока стручна и научна расправа;
(3) Намалување на бројот на вработени во јавните институции и администрацијата и воспоставување систем по заслуги за вработување во јавните институции и администрацијата. Правичната застапеност е уставна категорија и обврска за јавните институции регулирана со закон, меѓутоа вработувањата треба да бидат засновани само врз основа на квалитет и на компетентност.





