Котлар: Духот на Преспанскиот договор е негација на македонскиот национален дух и на македонската државност

„САД ‘остануваат посветени на Договорот од Преспа’ и очекуваат Македонија ‘да го одржи овој дух и јавниот говор да остане заснован врз факти и вкоренет во посветеноста на иднината на * Македонија во ЕУ’. Но, ‘Духот на Преспанскиот договор’ за грчката страна беше асиметрично добар, а за втората страна беше зол, со нелегитимно, нелегално и насилно обезименување на Македонија и на македонскиот народ.“ – се вели во анализата со наслов „Добриот и лошиот дух на Преспанскиот договор“ на новинарката Јасминка Павловска, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Медиумите од Грција-првата страна, потписничка на Преспанскиот договор, со предупредувачки тон пишуваат дека Атина одблизу ги следи политичките изјави, поврзани со овој договор, на учесниците во претстојните претседателски и парламентарни избори во Македонија. Во средиштето на интересот на официјална Атина за македонските избори е употребата на името Македонија. Иако Грција нема усвоено ниеден меморандум од сите три, што се поврзани со спроведувањето на Преспанскиот договор, не се воздржува да се повикува на овој документ и во однос на „контролата“ на речникот во внатрешниот јавен говор во македонскиот предизборен амбиент.

„Преспанскиот договор за промена на името на македонската држава во „Република * Македонија“ е резултат на нелегални и нелегитимни политички постави од странски и домашни чинители! Сегашната власт ја погази волјата да не се менува името, беа донесени (не)уставни амандмани, доживеавме кршење на човековите права. Република Македонија институционално беше нападната.“ – вели професорката Наташа Котлар-Трајкова од Институтот за национална историја на Македонија.

„Бојкотирањето на референдумот во 2018 година од страна на мнозинството на македонските граѓани беше јасна порака до меѓународната заедница дека Преспанскиот договор е неприфатлив за македонското национално себепрепознавање. Духот на Преспанскиот договор е негација на македонскиот национален дух и на духот на македонската државност, граден на вредностите на Крушевскиот манифест и Манифестот на АСНОМ. Овие историски документи, темели на македонската државност, во себе ги содржат вредностите на современата цивилизација. Преспанскиот договор изнуди потиснување на тие вредности, бришење на нивните симболи вградени во македонскиот национален дух, откажување од македонските сонародници надвор од границите на државата, отвори простор за нови уцени спрема Македонија, иако се спротивни на меѓународното право и универзалните човекови права.“ – нагласува д-р Котлар-Трајкова.

Ако се „држиме до фактите“, според препораката на Стејт департментот, Преспанскиот договор им е нелегитимно, нелегално и насилно наметнат на Македонија и на македонскиот народ. Колку и да се инсистира на некаков „дух на Преспанскиот договор“, тоа никако не е „добар дух“ во меѓународните односи.