Костадиновски: ДУИ искажаа многу лаги кои се опасни – балансерот не е укинат (ВИДЕО)

 

Не е точно дека Судот го укинал „балансерот“, а за тој случај биле кажани многу лаги и манипулации изјави претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски во Клик плус на ТВ21.



„Претпоставувам дека не ја ни прочитале нашата одлука за балансерот како алатка. Ако ја прочитале, ќе лоцирале таков елемент.

Нема. Нема нешто такво. Се темели на уставни критериуми и меѓународни стандарди.

Ништо страшно нема да се случи, кажав и тогаш. Како е укината правичната застапеност? Уставниот суд не може да го смени Уставот. Само Собранието го може тоа.

Ние само му помогнавме на законодавецот. При оперализацијата на таа темелна вредност, да има рамка како да се движи односно што е уставно допуштено, а што не. Ништо повеќе ништо помалку. Не станува збор за укинување на некакво право“, изјави Костадиновски.

За писмото од албанските интелектуалци што го добил пред расправата за Законот за албанскиот јазик, рече:

„За мене лично е разочарувачки, писмо од 250 албански интелектуалци, а за корисни термини интелектуалците не соработуваат. Не е на интелектуалец да изразува сомнеж за одлуките. Задачата е да се формираат уставни вредности, правна култура, а не да се изразува сомнеж во работата на институциите“, изјави Костадиновски.

Костадиновски повтори дека никој не го доведува во прашање албанскиот јазик.

„Лага и манипулација е дека ќе биде укинат. Само ја оценуваме операционализацијата во тој закон, дали е во рамките на Уставот и толку. Законодавецот треба да донесе закон и да направи еден неопходен баланс меѓу соодветната и правична застапеност и мерит системот“, кажа претседателот на Уставниот суд.

Одлуката на „балансерот“ од страна на Уставен по иницијативата на Антикорупциска, всушност значи укинување на одредби во неколку закони и правилници преку кои беа регулирани правилата за вработување во однос на етничката припадност.

Зачетоците на балансерот, пак, беа во Рамковниот договор потпишан во Охрид во 2001 година, со кој се стави крај на конфликтот во Македонија меѓу припадниците на Ослободителната народна армија-ОНА и македонските вооружени сили. Во него, една од главните промени беше токму вработувањето на припадниците на етничките заедници во јавната администрација.