Според извештајот за демократија за 2024 година на В-дем институтот при Универзитетот во Гетеборг, Косово и Албанија се подобро пласирани од Македонија во однос на демократскиот напредок.
Како 62. меѓу 179 земји од светот опфатени со анализата, Косово е лидер на Западен Балкан, пред Црна Гора на 67. место и Албанија на 82., се пофали косовскиот премиер Албин Курти на Твитер.
„Нашиот демократски напредок продолжува да биде меѓународно признаен! Извештајот за 2024 година на шведскиот В-дем институт со седиште во Шведска го постави Косово на подобрена позиција и го истакна како една од ретките демократии кои покажуваат подобрување на глобално ниво. На 62. место, Косово е рангирано повисоко од сите шест земји на Западен Балкан“, твитна Курти.
Зад наведената тројка следува Македонија на 89. место, Босна и Херцеговина е 92., а Србија 107.
Словенија котира највисоко во регионот како 38. во светски рамки, пред Хрватска на 41. позиција, Бугарија е 48., Грција 50., Романија 61. итн.
Топ-10 на листата ги сочинува Данска, Шведска, Естонија, Швајцарија, Норвешка, Ирска, Нов Зеланд, Финска, Костарика и Белгија по тој редослед.





