Евробарометар спроведе анкета за да се испита степенот до кој Европејците се свесни за корупцијата, какви се нивните искуства и перцепции, пренесуваат агенции.
Речиси сите Грци сметаат дека корупцијата е широко распространета појава во нивната земја, додека за тоа се согласуваат само 21 отсто од Финците.
Корупцијата претставува сериозен предизвик за сите општества и доаѓа на многу начини – поткуп, трговија со влијание, злоупотреба на функции, но исто така се крие зад непотизмот, конфликтот на интереси или во „,матни работи“ во јавниот и приватниот сектор.
Одговарајќи на прашањето „Дали е корупцијата раширена во вашата земја“, речиси сите испитаници во Грција (96 проценти) одговориле со „да“. Истиот тренд е забележлив во Шпанија, Хрватска, Литванија, Португалија и Кипар.
Корупцијата е најмалку застапена (перцепирана) во скандинавските земји.
Само 22 проценти од Данците и 21 процент од Финци веруваат дека во нивните земји има корупција.
Просекот на Европската унија е доста висок – 68 проценти сметаат дека корупцијата е широко распространета.





