Конечна одлука за „Балансерот“ во среда

Уставниот суд на среда ќе одржи седница на која ќе донесе конечна одлука во врска со предлогот за оценување на уставноста и законитоста на „Балансерот“ — инструментот за вработување според национална припадност во државните институции.



На дневен ред на 27. седница, која е закажана за 9 октомври, се предвидени шест иницијативи за оценување на уставноста и законитоста, како и гласање по шест предлози за донесување на конечни одлуки и утврдување на пет нацрт-решенија.

На 18 септември, Уставниот суд расправаше за тоа дали обврската за наведение на припадноста на заедницата, која е потребна за пополнување на работните места, ги ограничува кандидатите за административни службеници во пристапот до работните позиции. Судот разгледа и дали формулирањето на обврската за кандидатите во пријавата за вработување да наведат и припадност на заедница, го нарушува принципот на стручност и компетентност, како и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување. По ова беше дадена времена мерка за стопирање на вработувањата по етнички клуч до финална одлука

Односно, додека алатката е „замрзната“, актуелните огласи каде што е наведено дали вработениот треба да биде Македонец, Албанец, Турчин или од некоја друга етничка заедница се поништуваат.

„Во врска со решението на Уставниот суд од 18 септември 2024 година Министерството за јавна администрација даде насоки за постапување на институциите од јавниот сектор. Веќе започнатата постапка за вработување ќе продолжи ако во јавниот оглас за вработување не наведена припадност на заедница и ако кандидатот не се обврзува во пријавата да истакне припадност на заедница. Во Регистарот на вработени во јавниот сектор не се евидентираат податоците за вработените во институциите“, соопштиja Министерството за администрација.